Правилната и избалансирана исхрана има огромно значење за здравјето на човекот. За оптимална исхрана можеме да зборуваме само тогаш кога секојдневната прехрана на човекот одговара на потребите на организмот како во количеството, така и според составот и пропорциите на состојките.
Според истражувањата утврдено е дека не го применуваме препорачаниот број на оброци во денот, немаме адекватен ритам на внес на храна, а енергетската вредност на храната која ја внесуваме е прекумерна: премногу масти, наспроти недостатокот од овошје и зеленчук.
Почитувањето на принципите за здравиот начин на исхрана денес се пробува да им се наметне на младите уште во раните години. Студентите се наоѓаат во таа ризична група, којашто е склона кон брзата и нездрава исхрана, бидејќи често не живеат дома и немаат доволно време да приготвуваат храна. Покрај тоа, поради своите студиски обврски забораваат за навременото и квалитетно јадење со три оброци на ден (појадок, ручек, вечера) и две ужинки. Нездравите навики во исхраната предизвикуваат да се чувствувате лошо, ја намалуваат работоспособноста, го ослабуваат имунитетот на организмот, што е ризик фактор за развој на хронични заболувања во иднина.
Запомнете:
-Треба да се јаде со уживање;
-Храната треба да биде избалансирана и разнолика;
-Избегнувајте бел шеќер;
-Намалете ја употребата на сол, избегнувајте конзервирани и обработени прехранбени производи;
-Пијте доволно течности, особено вода;
-Не претерувајте со внесот на кофеин и алкохол;
-Не заборавајте на физичката активност;
-Придржувајте се до поговорката: јадеме за да живееме, а не живееме за да јадеме.